my way
This is my way of seeing things around us.
 

ЕНЅЕРО



Не се велит енѕеро, аман веќе еднуш сфатите. "Ориѓани се к'пет во енѕероно." Јас стварно не знам к'ј ви текна овај збор? Па уш и "ориѓани". Катастрофа. Во охридскиот дијалект немат збор енѕеро. Старите охриѓани велет ејзеро ("е" се изговарат меѓу "е" и "о"). Пример, "се к'пет в (е)јзеро". Ај како и да е. Нек ви стојт. Само да знајте дек грешите.
Туку, среќа шо го имаме езероно покрај градон (иако на лето малу го пцујаме з'ш зарди него идет скопјаништана и гужви прает). Цел живот на охриѓани е врзан за езероно (претпоставувам и на стружани, и на луѓено од селата покрај езеро, и на оние од албанска страна).
Есен, зима, пролет... лето!
Таман се стопли времево. Сеа бубачките во главчињата на децана почвет да беснет, и прво нешто шо им теквит на топлово време е да се иск'пет в езеро (и мене ми беснеа бубачиња в главче ко бев мала... до душа и сега се тука). Арно ама, "немат к'пење в ејзеро дур не се стопит снегон на Галичица!" (а се топеше на крајот на јуни), велет постарите охриѓани, т.е. баба или дедо. И финтата е како да се избегат од дома, да ојш на плажа, да се пикниш во вода, да се пофалиш пред другарчињата дека прв си ја почнал летната сезона, ама да не те дознает дома.
А ко ќе се отворит вистински сезоната, други убај моменти идет на ред. На пример, во сезона се "пушташе" и спортскиот риболов, т.е. "одењето на блинкер" (сега секаков риболов во Охридско езеро е забранет со закон). Е то беше ритуал. Станвиш сабајле околу 3 сатот, надвор темница, гајбето со блинкерите, кепчето и дозволата за блинкер стокмени, грабаш два три сендвичи, пентата на рамо, и правец кон кајчето. Ги водениш пражниците (дрва на кој се креват кајчето), го туркаш, местиш весла, се прек'рствиш и правец сред езеро. Околу тебе 150 кајчиња (сите го поминале овој ритуал). Тивки муабети (за да не се плашет рибите), изгрејсонце, надеж за некое рипче кое ќе го клајш на жар одма ко ќе стигниш дома и ќе го залијаш со бело вино.
Нас ко деца н¢ земаа на блинкер, ама ние си имавме и свој начин на фашчање рибчина - со потонати ќесина и тегли во кој ќе клаевме леб, и уш поголема надеж дека некоја голема риба ќе влезит н'тре и ќе ја фатиме. Интересна работа, со јадици многу мерак немавме да фашчаме риби.
Ама сепак, најзабавно е к'пењето. Охриѓани велет "одење на по една бана". Најубо е к'пење сабајле, и на зајдисонце - ко ќе немат гужва, а исто и плажата да е со камења а не со песок, з'ш почиста е водата. И уш езерото тепсија (мирно) да ти се погодит, мерак. А пак и да зароскат и малу дош, уф, уф, уф... Со се пљачки мојш да скокниш од многуте мостиња и карпи по плажите. И то, како сакаш скокај - главачки, клопче, клинец, бомба, а ако немаш абер од скокање, и штица мојш да падниш. Нејсе, уживање е и к'пење на вечер (по 10-11 сатот).
Ама цела слика се менвит во последно време. Модава донесе разно разни поинакови, за мене несфатливи начини на уживање. Џанам, туристички град. Кајчарине с¢ помалу ги возет туристите околу езеро, им раскажвет за Охрид на малку сватлив, ама сладок англиско-германски-италијанско-руски јазик, ги частет гостите со домашна ракија или ладно пиво дур трајт турата (шишињата се ладет препуштени длабоко в езеро, врзани со фортома). А и без платно можит да ве возет.
Сега секој си имат скутер или глисер, и фрчет на секој пет минути низ езеро. Да ти е страв да попливаш малу подлабоко. Друга нова работа се фенси журките на брод, демек крстарење, и пијанки. А и многу кафичи и шанкој покрај езеро никнаа.
Се изнапишав. Мислев да се карам со вас малу појќе, ама ми падна жал, а и нејќам да ми се наљутет скопјани. Можит да ме протетрет од метрополава утре.
Нејсе, можда ќе си најдам убајна и во сета оваа мода. Ехеее... уш колку работи может да се кажет за езероно... Ладно пиво со друштво покрај езеро никогаш немат да изумрит. И шопска. А кога сме веќе кај шопска, не се велит немит ренде (бесплатен час по охридска граматика - глаголот нема се менвит вака: јас немам, ти немаш, тој/таа немат, ние немаме, вие немате, тие немет).
И на крај, не се гирици! "Кенлер (со меко "л"), донеси една порција плашици!"

(текстот е објавен во ФОРУМ плус)




New York, New York...


Од каде да најдам зборови за деновите поминати во Њујорк? Од друга страна, мал е овој простор да се опише чувството кое плени во овој град. Уште кога при слетување ќе го погледнеш Менхетн, во глава ти се врти New York, New York… од Френк Синатра, а потоа и натписот до авионската писта "Добредојдовте во Њујорк", за да ти даде огромна енергија и желба да го "изедеш" целото јаболко.
Прва дилема - што с¢ да направам во четири дена? Знам дека само сакам да се возам по мостот Бруклин, да ја видам Статуата на слободата (јас си ја викам Слободанка), да гледам некој мјузикл на Бродвеј (го гледав Rent) да ја гушнам Емпаер стејт, да јадам хот-дог на Петта авенија, филмски да му речам на некој таксист во жолто такси: "Follow that car" ("Следи ја онаа кола")... Џабе планови (иако успеав с¢ од наведеното да сторам). Градот сам диктира. Доволно е само да излезеш од хотелската соба и да најдеш начин како да не спиеш многу.
Изненадувања на секој чекор. Полугол каубој сред Тајмс сквер свири гитара, тепачка меѓу полицајци и член на улична банда, снимање филм среде улица (сценарио: невеста до половина влезена во шахта и огромен камион вози кон неа, а во последен момент ја одминува), еврејските продавници натрупани со роба за која е пожелно да се ценкаш... нема крај.
Таман ќе те заболи вратот од високите згради, одеднаш ќе се појави некоја мала зграда-остаток од стариот Њујорк, која ти дава барем малку можност да фантазираш како било порано, или пак некоја сива и строга катедрала.
Ако ме прашавте порано каде би сакала да живеам, сигурно ќе одберев некоја европски град. Сега? New York, baby!!!

П.С. Има уште многу да се пишува... Се надевам во некоја друга прилика, ќе го споделам и тоа со вас.

П.П.С. Во сите градови имаше и темни страни. За среќа видов и почувствував само малку (продавање дрога на улица, бездомници, кражби, полициски бркотници, опседнатост со безбедност...)




ВИСОКАТА ПУСТИНА


За Солт Лејк Сити знаев многу малку (дека таму има Солено Езеро, за Зимската олимпијада во 2002 г., НБА-тимот Јута џез... и дека таму живеат мормони, христијани од посебна црква, со чудни сфаќања за нештата - меѓу нив "забрането пиење кафе, чај и кока-кола" или, пак, "полигамијата е ОК" - кои не ги сфаќам ни јас, но тоа е).
Како и да е, еве ме мене над градот. Од една страна снежните Васач pланини, а од другатата големото Солено Езеро. Чудна убавина, осум пати посолена од океанот. Само што слетав на аеродромот, почувствував поинаква Америка од онаа во главниот град. Питоми и насмеани луѓе, кои како да не му ја мислат многу на работата. Опуштена атмосфера. Се движам низ улиците кон хотелот, со црвено такси на чии врати пишува Уте. Го прашувам таксистот што значи тоа, а тој "распалува" со историски факти.
Пред да се населат првите Европејци, на тоа место живееле неколку индијански племиња, но најголемо било племето Ute. Во 1847 г. доаѓаат новите "газди" на територијата - прогонетите мормони, кои поради несогласувањето со Католичката црква бараат нова територија за да живеат со своите уверувања. Оттогаш, па с¢ до денеска, Јута, т.е. Солт Лејк Сити, е вистинското место за многумина, не само за мормоните. Функционира одлично. Мало и питомо гратче (речиси милион жители). На прв поглед досадно... но, кога ќе ги откриеш скриените убавини, се приврзуваш со него, како што се приврзуваш за гостопримливите домаќини.
Тука луѓето не брзаат по улиците со кафе в рака. И јас мирно си пешачам кон мојата редакција и полека разгледувам "шо имат, шо немат". Буквално, уште првиот ден, во 15-минутната прошетка кон работа, запознав тројца нови пријатели (банкарот Арсен, по потекло од Камерун, Лиза, девојката од кафе-барот која ми правеше прекрасно кафе секое утро, и уличниот џез трубач Мајк) кои покрај искреното "добро утро", веднаш забележаа дека не сум тукашна и започнавме пријателски разговор. Така оди тоа во овој град.
Шетајќи по улиците, на секој агол ме изненадуваа интересни градби со своја приказна (најстарата куќа, орловата капија, фамилијарната библиотека, театарот, плоштадот на храмовите, итн.). За разлика од Вашингтон, овој град живее и дење и ноќе. Можеби не толку бурно, но, сепак, интересно. Бројни кафе-барови и прекрасна разновидна кујна. Персоналот насмеан до уши, буквално успева да ти го "купи" бакшишот.
Од друга страна, пак, има и безброј мали изненадувања во соседната околина на Солт Лејк. Планините с¢ уште се во олимписки "филм". Секој ден има бесплатни тури до високата скијачка скокалница и боб-патеката, а може да се посети и Олимпискиот музеј.
Има многу места да се видат и да се доживеат тука. Колегите, како вистински домаќини, беа љубезни да ми покажат колку што може повеќе (историски моменти, театар, индијанска уметност, прошетка по планински кањони, забава во џез, блуз и традиционален кантри стил...). Но, претходно морав да ветам дека ќе се вратам повторно. Заслужија!




Чудна тишина


Прва дестинација - Вашингтон, административниот главен град на САД. Град, чија изградба е договорена во текот на една вечера меѓу домаќинот Томас Џеферсон и гостите Џејмс Медисон и Александар Хамилтон. Местоположбата, до реката Потомак, ја одбрал првиот претседател, Џорџ Вашингтон (по кој е именуван градот). Честа да го дизајнира новиот главен град ја добил Французинот Пјер Чарлс Л`Енфан, мајор во армијата на САД, кој при проектирањето ја одбрал формата на дијамант (Вашингтон, од птичја перспектива, личи на правилен четириаголник - дијамант).
Кога некој ќе ме праша за карактеристиките на овој град, најчесто истакнувам дека е многу чист, организиран, но и тивок. Уште првата вечер го почувствував последново. Се чудев, дали некој живее тука?! Но, подоцна сфатив дека во центарот, каде што бев сместена, приказната е таа - средно високи згради со канцеларии, кафе-барови кои работат преку ден, паркчиња за опуштање во текот на напорниот работен ден и... тоа. Центарот на Вашингтон живее преку ден. Секое утро, низ свежо исчистените улици, може да се сретнат два типа луѓе: оние со кафе во едната рака и мобилен телефон во другата, како брзаат да стигнат на работа, и стреет јоггери кои спортуваат пред напорниот ден. И пак нема голем џагор?! Ниту автомобилите не брчат како нашиве. Нејсе, нека им биде.
Меѓу професионалните обврски, секоја пауза ја користев за да видам нешто од градот. Тешко и напорно, но мора да се плати некоја цена, која, на крајот ќе сфатиш дека, и не е така висока, бидејќи просто те носи пролетниот дух. И луѓето беа пролетно, пријателски расположени. Сите насмеани, желни за муабет - посебно кога ќе чујат дека си од некоја мала балканска земја што се вика Македонија.
Вашингтон нуди и прекрасно музејско искуство. Во истиот парк, меѓу Линколн меморијал и Капитол хил, се протега и комплексот на музеите Смитсонијан. Ги има околу десетина (за национална историја, вселена, природа, афро-уметност, градина на скулптури, уметнички колекции...) и сите се бесплатни. Човек да не може да се изнагледа. Немав здив додека ги шетав со ококорени очи. Прекрасни и возбудливи колекции - од оние на делата од импресионистите, па огромните диносауруси, камења од Месечината и од Марс кои може да ги допре секој посетител, до оние од поновата историја, како што се, на пример, свитканите столбови од кулите Близначки, или пак знамето што се вееше на Пентагон по 11 септември.
Има уште многу да се шета во текот на денот (Линколн меморијал, Томас Џеферсон меморијал, па оној на ветераните од Корејската војна, од Виетнамската или, пак, од Втората светска војна, неизбежната Бела куќа, обелискот, Кинескиот кварт, малку опасен, но забавен - каде успеав да се загубам за момент итн.). С¢ си има своја убавина и приказна.
Но, веќе е ноќ. Време е за малку позабавен Вашингтон. Дестинација за забава - Џорџтаун, соседството на главниот град. Овој стар дел е полн со постари куќи и безброј ноќни барови што нудат секаква забава.
Тука ги наоѓаш истите оние луѓе кои утрото биле деловно облечени, а сега се забавуваат "ко луди" (посебно во викенд, кога с¢ "живо и диво" е поднапиено малку повеќе). Конечно џагор! Забораваш и дека си платил 5 долари за шише пиво Bud (за наш стандард, скапо).
И така поминува секој ден - наутро на работа, во текот на денот малку опуштање в парк, навечер пиво во Џорџтаун. Една недела како една минута. До следната дружба, се гледаме Вашингтон!




Три Америки

Америка... За многумина, земјата од соништата. Одеднаш и јас чекорам низ градските улици на оваа огромна светска сила, со кока-кола и хот-дог в рака. Еден месец возбуда, ново професионално искуство, непроспиени ноќи, пријателства, интересни моменти...


Ништо не беше како што очекував, и во позитивна и во негативна смисла. Кога ќе подразмислам, и не сум сигурна што точно очекував... Можеби под влијание на холивудските филмови имав некоја своја, повеќе розова, отколку сива, слика за Америка, но по ова патување, таа повеќе не е истата. Многу бои се измешаа. Сега, кога ќе ги затворам очите... ќе пробам да ви опишам.
Уште кога лани, кон крајот на декември, го добив повратниот имејл од Американската амбасада, дека во март и април ќе бидам дел од едномесечната тренинг-програма на Интернационалниот центар за новинари, не можев да поверувам.
Тренингот предвидуваше една недела состаноци и посета на медиуми во Вашингтон, две недели практичен дел во медиум, определен според искуството на новинарот, во некој друг американски град (јас бев дел од новинарскиот тим на дневниот весник The Deseret Morning News, во Солт Лејк Сити, Јута) и, на крај, четири дена поделба на искуството и посета на медиуми во Њујорк.
Вашингтон, Солт Лејк Сити и Њујорк... три различни Америки.

(Следат мали приказни за секој град посебно, и немат појќе да ја тупам за Америка. Како и да е, сите делови од текстот се објавени во ФОРУМ плус)




mary

...сакам да ги гледам нештата околу нас на необичен начин...

ПОСТОВИ
Писмо
Ало?!
Кловнови
Дожд
Одмор
ЕНЅЕРО
New York, New York...
ВИСОКАТА ПУСТИНА
Чудна тишина
Три Америки

АРХИВА
April 2005
May 2005
June 2005
July 2005
August 2005
September 2005
October 2005
November 2005
December 2005
January 2006
February 2006
March 2006
April 2006
May 2006
June 2006
July 2006
September 2006
October 2006
November 2006

БЛОГОВИ
Site blogovi zaedno
Ивица
Бобан
moonwatcher
Овчарот
Букаро
Лала
Dwr Budr.
Македоблог
Ania
Moby
Panta Rei
Комуникации
Загор правникот
PLAYA
domenica
sandra
streets of dublin
maalo
sash
Калина
Etna
Daydream
Злобникот
Попек

ЛИНКОВИ
Најди
Blogger
Википедија
Блогерај

E-MAIL

sivjache@yahoo.co.uk