my way
This is my way of seeing things around us.
 

Писмо


Сe на сe, до сега, сум добила три писма. Само три! (Наполеон Бонапарта, славниот француски водач и брилијантен воен ум, бил и страстен пишувач на писма - напишал околу 75.000 писма во неговиот живот, многу од нив до неговата жена Жозефинa). Значи, зборувам за оние, "вистинските" писма, како наполеоновите: ракописно напишани, на лист хартија (содржината може да биде каква било - пријателска, љубовна...), листот превиткан два-три пати, ставен во плико, адресирано - исто така ракописно, со поштенска марка на која има печат од пошта...
Од друга страна може да се "пофалам" со напишани три или четири писма, и тоа "вистински". Слушајќи ја Love Letter од Nick Cave која раскажува за изгубената љубов која се надева дека ќе му се врати откако ќе го прочита неговото "љубовно писмо исполнето со надеж", мислам дека најжалосно е што никогаш не сум добила ниту пак испратила токму љубовно писмо (Лудвиг ван Бетовен, генијалниот и мистериозен композитор, напишал бројни љубовни писма до неговата никогаш не откриена за светот љубовница, која едноставно ја нарекувал Моја Бесмртна љубов, но сепак, Шекспир е оној кој со своите сонети најубаво го доловил шармот на љубовните писма, на емоционалното пишување).
И сигурна сум дека не сум сама во оваа жалосна приказна. Цела моја генерација е лишена од привилегијата на пишување писма (секоја чест на малкуте исклучоци). Денес сe што добивам по пошта, во вид на писмо, е: сметка за мобилен телефон, сметка за фиксен телефон, сметка од банка, здравствени картончиња...
Жедта за писма во мене се јавува со првото Писмо до непознато другарче кое го сретнав во 4-то одделение, за жал пратено до мое другарче а не до мене. Мислам дека тие две, сега познати другарчиња, сe уште си пишуваат, и развија убаво пријателство. Е токму од тогаш посакувам писма, посакувам да ги собирам, да ги сортирам, врзани со коноп, ставени во кутија, "скриени" под кревет, па кога ќе посакам да можам да си ги земам во рака сите мисли кои некој ги ставил на хартија, упатени до мене, и да ги читам, да ги пречитувам (Ненси Реган ги чувала сите писма што и ги пратил нејзиниот маж Роналд Реган, претседател на САД, означувајќи ја кутијата во која ги чувала со Моето најголемо богатство).
Улогата на писмата во комуникацијата суштински е променета од 19 век (развој на технологијата - телеграф, телефон, а денес Интернет). Историски, писмата биле единствени доверливи средства за комуникација помеѓу луѓето на различни локации. Тие постојат од антички Египет и Сумер, па низ Рим, Грција и Кина, се до денес (иако со изменета улога). Не дека ги немало и официјалните писма во тоа време, како што ги има и сега, но бројот на личните писма бил многу поголем отколку денес. Баш ме интересира дали во светот, од неговиот почеток, па се до денес, се испратени повеќе лични писма или пак e-mail-ови? Тајноста на писмата, е правен принцип во Уставите на неколку Европски земји и во Америка. Се гарантира дека писмата кои се пратени никогаш нема да бидат отворени од владините служби или од некој друг (што ли ќе му се случеше на физичарот - нобеловец Алберт Ајнштајн, ако му ги "провалеа" писмата упатени до американскиот претседател Френклин Рузвелт во август 1939 г. - месец пред почетокот на Втората Светска војна - со кои предупредува на можноста дека Германија може да развие атомска бомба?).
Но, да се вратам на мојата тага по писмата... И јас сум потпаднала на технолошкиот развој. И да имам време и можност (да сум доволно далеку и долго од сите за да напишам писмо) пак ќе посегнам по телефонот или ќе застанам пред компјутер и ќе напишам e-mail. Не велам дека е тоа лошо, ама да разјасниме - sms пораките не се писма, кратките пишани пораки исто така, а e-mail-овите во никој случај не можат да се наречат писма.
Недостасува магијата на рачно напишаното писмо, нели? Недостасува интимноста на пишување на писмо. Недостасуваат спомени. Ќе речете фотографии, сувенири... Да, ама тие ги немаат мислите, она личното што го имаат зборовите испишани на хартија. Наречете ме носталгична, ама тоа е. Мислам дека токму сега ќе почнам да пишувам писмо...




Ало?!




Кловнови


Како да убиеш кловнови?




Дожд


Кога ми текна да пишувам на оваа тема, надвор беше убаво времето, со темно сиви облаци, натежнати над земјата, кои ветуваа дожд. "Супер!", си реков, ќе заврне и ќе имам муза. Е арно ама како дождот да ми се налути па не сакаше да се дружиме додека имав намера да го пишувам текстот. "Добро", си реков, ја напишав дефиницијата за дожд, што ја најдов на слободната интернет енциклопедија Википедија - дождот е форма на врнеж што се формира кога одделни капки вода паѓаат на земјината површина од облаците. Научното објаснение за тоа како се формира и паѓа дождот се вика Бертеронов процес - никаква посебна философија според напишаново.
Сакам дожд... Многумина се чудат кога го велам ова (и секогаш ми викаат да си се преселам во Лондон, за што искрено и си кројам планови), но има нешто во него што ме прави среќна. Го сакам во секое годишно време: на лето кога знае да дојде од "никаде" и да разлади, во есен кога си игра со лисјата од дрвјата и ја мие целата природа давајќи божествени бои, во зима кога знае да го "скрши филмот" кога ќе створи шамак (каша) од снегот, и во пролет кога ја буди природата и кога кај нас има најубави виножита на целиот свет (убедена сум во ова). Уште како малечка се радував на секое вирче што ќе се створеше од врнежите и верував во "паролата" - "не сум од шеќер, па да се стопам" (и да носев чадор не го отварав), па затоа радосно си скокав во нив (играта се викаше "жапчиња", победник беше тој што ќе "крене" највисоко вода, и нормално ќе се напвари "ќул воден").
Опсесијата со дождови од малечка, значеше и проучување на празноверните најави од бабите и дедовците за доаѓањето на дождот. На пример, од каде бре ако мачка се мие на југ, ќе врне? Или пак ако касаат мувите - ќе врне, ако врапчињата се перпелкаат во прашина, пак ќе врне, па вечната реума како најава за дожд... По одговорите на овие прашања с¢ уште трагам.
Понекогаш си мислев дека нашиве "стари" се на похалуциногени дроги отколку Чироке индијанците со нивните дождовни ритуали (ви текнува, кога играат околу оган и мумлаат за да го повикаат дождот). Индијанската легендата вели дека повиканиот дожд ги содржи духовите на починатите главатари кои се будат од битката која ја воделе во облаците со лошите духови. Исто така се верувало дека дождовните танцови ритуали се инспирација за несекојдневни (читај сексуални) чинови на духовно обожавање на предците (!).
Е ама не се само Индијанците опседнати со дожд. Сте чуле ли за Додола? Е тоа ви е нашиот, словенскиот ритуал за дожд (кога сите овде сме биле едно племе). Имено, и нашите племенски предци си имале своја митологија и во неа божица на дождот (Перперуна, жена на врховниот бог Перун, кој пак бил бог на грмотевиците). Се верувало дека кога божицата ги молзе нејзините рајски крави (облаците), врне на Земјата. Секоја пролет таа прелетувала над шумите и полињата за да го разбуди зеленилото и да ги накити дрвјата плодови (од таму дождот е знак за плодност - бериќет). Во ритуалите послевени на оваа божица се пееле посебни песни и се танцувало (најчесто тоа го изведувала некоја млада мома "облечена" само со лисје и гранки). Делови од овој ритуал може да се сретнат и денеска во Балканскиот фолклор.
Дождот е опеан од многу поети. Дожд и вино се перфектна поетска инспирација, практикувана од многу од нив. А дождот е инспирација и за многу други нешта, не само за песни, туку и за љубов, за мечтаење, за...спиење (најубав сон имам на чардакот кај баба ми во село, кога слушам како капките дожд удираат на ламарина - лим). Дождот може и да ти дозволи да се изнаплачеш а никој да не запримети...
Надвор с¢ уште не врне, па морам да завршам со мојата поговорка (и со надеж дека ќе се исполни набргу) - после сонце доаѓа - дожд!


.




Одмор


Знам дека не пишам многу во последно време, ама како шо се ближит мојот одмор, се помрзлива станувам :) Нејсе, одам на одмор, од време на време можда и ќе поднапишам нешо. До тогаш забављајте се со стариве постови.




ЕНЅЕРО



Не се велит енѕеро, аман веќе еднуш сфатите. "Ориѓани се к'пет во енѕероно." Јас стварно не знам к'ј ви текна овај збор? Па уш и "ориѓани". Катастрофа. Во охридскиот дијалект немат збор енѕеро. Старите охриѓани велет ејзеро ("е" се изговарат меѓу "е" и "о"). Пример, "се к'пет в (е)јзеро". Ај како и да е. Нек ви стојт. Само да знајте дек грешите.
Туку, среќа шо го имаме езероно покрај градон (иако на лето малу го пцујаме з'ш зарди него идет скопјаништана и гужви прает). Цел живот на охриѓани е врзан за езероно (претпоставувам и на стружани, и на луѓено од селата покрај езеро, и на оние од албанска страна).
Есен, зима, пролет... лето!
Таман се стопли времево. Сеа бубачките во главчињата на децана почвет да беснет, и прво нешто шо им теквит на топлово време е да се иск'пет в езеро (и мене ми беснеа бубачиња в главче ко бев мала... до душа и сега се тука). Арно ама, "немат к'пење в ејзеро дур не се стопит снегон на Галичица!" (а се топеше на крајот на јуни), велет постарите охриѓани, т.е. баба или дедо. И финтата е како да се избегат од дома, да ојш на плажа, да се пикниш во вода, да се пофалиш пред другарчињата дека прв си ја почнал летната сезона, ама да не те дознает дома.
А ко ќе се отворит вистински сезоната, други убај моменти идет на ред. На пример, во сезона се "пушташе" и спортскиот риболов, т.е. "одењето на блинкер" (сега секаков риболов во Охридско езеро е забранет со закон). Е то беше ритуал. Станвиш сабајле околу 3 сатот, надвор темница, гајбето со блинкерите, кепчето и дозволата за блинкер стокмени, грабаш два три сендвичи, пентата на рамо, и правец кон кајчето. Ги водениш пражниците (дрва на кој се креват кајчето), го туркаш, местиш весла, се прек'рствиш и правец сред езеро. Околу тебе 150 кајчиња (сите го поминале овој ритуал). Тивки муабети (за да не се плашет рибите), изгрејсонце, надеж за некое рипче кое ќе го клајш на жар одма ко ќе стигниш дома и ќе го залијаш со бело вино.
Нас ко деца н¢ земаа на блинкер, ама ние си имавме и свој начин на фашчање рибчина - со потонати ќесина и тегли во кој ќе клаевме леб, и уш поголема надеж дека некоја голема риба ќе влезит н'тре и ќе ја фатиме. Интересна работа, со јадици многу мерак немавме да фашчаме риби.
Ама сепак, најзабавно е к'пењето. Охриѓани велет "одење на по една бана". Најубо е к'пење сабајле, и на зајдисонце - ко ќе немат гужва, а исто и плажата да е со камења а не со песок, з'ш почиста е водата. И уш езерото тепсија (мирно) да ти се погодит, мерак. А пак и да зароскат и малу дош, уф, уф, уф... Со се пљачки мојш да скокниш од многуте мостиња и карпи по плажите. И то, како сакаш скокај - главачки, клопче, клинец, бомба, а ако немаш абер од скокање, и штица мојш да падниш. Нејсе, уживање е и к'пење на вечер (по 10-11 сатот).
Ама цела слика се менвит во последно време. Модава донесе разно разни поинакови, за мене несфатливи начини на уживање. Џанам, туристички град. Кајчарине с¢ помалу ги возет туристите околу езеро, им раскажвет за Охрид на малку сватлив, ама сладок англиско-германски-италијанско-руски јазик, ги частет гостите со домашна ракија или ладно пиво дур трајт турата (шишињата се ладет препуштени длабоко в езеро, врзани со фортома). А и без платно можит да ве возет.
Сега секој си имат скутер или глисер, и фрчет на секој пет минути низ езеро. Да ти е страв да попливаш малу подлабоко. Друга нова работа се фенси журките на брод, демек крстарење, и пијанки. А и многу кафичи и шанкој покрај езеро никнаа.
Се изнапишав. Мислев да се карам со вас малу појќе, ама ми падна жал, а и нејќам да ми се наљутет скопјани. Можит да ме протетрет од метрополава утре.
Нејсе, можда ќе си најдам убајна и во сета оваа мода. Ехеее... уш колку работи может да се кажет за езероно... Ладно пиво со друштво покрај езеро никогаш немат да изумрит. И шопска. А кога сме веќе кај шопска, не се велит немит ренде (бесплатен час по охридска граматика - глаголот нема се менвит вака: јас немам, ти немаш, тој/таа немат, ние немаме, вие немате, тие немет).
И на крај, не се гирици! "Кенлер (со меко "л"), донеси една порција плашици!"

(текстот е објавен во ФОРУМ плус)




New York, New York...


Од каде да најдам зборови за деновите поминати во Њујорк? Од друга страна, мал е овој простор да се опише чувството кое плени во овој град. Уште кога при слетување ќе го погледнеш Менхетн, во глава ти се врти New York, New York… од Френк Синатра, а потоа и натписот до авионската писта "Добредојдовте во Њујорк", за да ти даде огромна енергија и желба да го "изедеш" целото јаболко.
Прва дилема - што с¢ да направам во четири дена? Знам дека само сакам да се возам по мостот Бруклин, да ја видам Статуата на слободата (јас си ја викам Слободанка), да гледам некој мјузикл на Бродвеј (го гледав Rent) да ја гушнам Емпаер стејт, да јадам хот-дог на Петта авенија, филмски да му речам на некој таксист во жолто такси: "Follow that car" ("Следи ја онаа кола")... Џабе планови (иако успеав с¢ од наведеното да сторам). Градот сам диктира. Доволно е само да излезеш од хотелската соба и да најдеш начин како да не спиеш многу.
Изненадувања на секој чекор. Полугол каубој сред Тајмс сквер свири гитара, тепачка меѓу полицајци и член на улична банда, снимање филм среде улица (сценарио: невеста до половина влезена во шахта и огромен камион вози кон неа, а во последен момент ја одминува), еврејските продавници натрупани со роба за која е пожелно да се ценкаш... нема крај.
Таман ќе те заболи вратот од високите згради, одеднаш ќе се појави некоја мала зграда-остаток од стариот Њујорк, која ти дава барем малку можност да фантазираш како било порано, или пак некоја сива и строга катедрала.
Ако ме прашавте порано каде би сакала да живеам, сигурно ќе одберев некоја европски град. Сега? New York, baby!!!

П.С. Има уште многу да се пишува... Се надевам во некоја друга прилика, ќе го споделам и тоа со вас.

П.П.С. Во сите градови имаше и темни страни. За среќа видов и почувствував само малку (продавање дрога на улица, бездомници, кражби, полициски бркотници, опседнатост со безбедност...)




mary

...сакам да ги гледам нештата околу нас на необичен начин...

ПОСТОВИ
Писмо
Ало?!
Кловнови
Дожд
Одмор
ЕНЅЕРО
New York, New York...
ВИСОКАТА ПУСТИНА
Чудна тишина
Три Америки

АРХИВА
April 2005
May 2005
June 2005
July 2005
August 2005
September 2005
October 2005
November 2005
December 2005
January 2006
February 2006
March 2006
April 2006
May 2006
June 2006
July 2006
September 2006
October 2006
November 2006

БЛОГОВИ
Site blogovi zaedno
Ивица
Бобан
moonwatcher
Овчарот
Букаро
Лала
Dwr Budr.
Македоблог
Ania
Moby
Panta Rei
Комуникации
Загор правникот
PLAYA
domenica
sandra
streets of dublin
maalo
sash
Калина
Etna
Daydream
Злобникот
Попек

ЛИНКОВИ
Најди
Blogger
Википедија
Блогерај

E-MAIL

sivjache@yahoo.co.uk